Од 16 часот денеска почна забраната за движење на населението што ќе трае до понеделник до 5 часот изутрина. Со тоа, почна 61-часовен карантин за сите граѓани на територија на целата држава.

Забраната не важи за полицијата, армијата, здравствените работници, противпожарните територијални единици и земјоделските лица.

Дежурните аптеки ќе работат непречено, а продавниците, маркетите и рестораните ќе примаат нарачки и ќе вршат достава на своите производи. Маркетите кои немаат соодветна дозвола за работа за време на полицискиот час, ќе бидат санкционирани.

Како што информира директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, Државниот пазарен инспекторат за време на полицискиот час ќе врши проверка на дежурните маркети дали ги имаат овие дозволи.

Освен маркети кои се определени од Кризниот штаб во градовите, другите немаат право да работат и доколку бидат затечени дека работат ќе бидат санкционирани. За сите угостителски објекти на кои е направен записник и се затворени од страна на Државниот пазарен инспекторат, најпрво се доставуваат платни налози за глоба, па доколку не се платат во определениот рок, тогаш се упатуваат на суд – нагласи Пауновски.

Доставата на неопходните продукти на граѓаните ќе ја вршат лицата волонтери до самите домови на граѓаните.

Како што најави министерот за здравство, Венко Филипче, полицискиот час ќе важи и за време на претстојните верски празници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.