Јапонскиот педијатар Томисаку Кавасаки, кој ја откри ретката детска болест Кавасаки, почина на 96 годишна возраст, соопшти неговиот истражувачки центар. Кавасаки е ретка детска болест која предизвикува воспаление на крвните садови и може да предизвика срцеви компликации, опасни по живот, ако болеста не се лекува брзо.
Томисаку Кавасаки во 1961 година за првпат ги забележал симптомите кај четиригодишник во Јапонија – силна треска проследена со конјуктивитис, осип по целото тело и црвенило на јазикот. Потоа открил уште 50 слични случаи што научно ги опишал во 1967 година. Болеста почесто ги погодува момчињата од девојчињата, а најчеста е кај деца со јапонско потекло, иако болеста се јавува низ целиот свет. Причината за болеста останува непозната.
Симптоми слични на болеста Кавасаки се појавија за време на пандемија на Ковид-19 кај некои деца во Европа и во САД. Истражувачите во моментот се обидуваат да утврдат евентуална поврзаност меѓу оваа детска болест и Ковид-19, затоа што многу болни деца имаа позитивен тест за коронавирус.
И покрај неговата возраст, Томисаку Кавасаки беше активен во јапонската медицинска заедница, па така до минатата година претседаваше со невладин центар кој ја истражува болеста Кавасаки. Организацијата соопшти дека Кавасаки починал во болница во Токио во петокот „поради длабока старост“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.