На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија успешно е направена реплантација на десна подлактица, соопшти Министерството за здравство.

Ваков вид операција на Клиниката нема направено изминативе триесетина години, за успехот им честитам на моите колеги лекари и целиот медицински тим, напиша на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

Пациентот е 54 годишниот Џафер Алија, кому му била реплантирана десната рака. Пред месец ипол Џафер се самоповредил, си ја отсекол десната подлактица, работејќи со моторна пила и на Клиниката бил примен во тешка состојба. Веднаш по приемот се организирал тимот и се направила хируршката интервенција бидејки кај овој тип на операции има мал временски прозорец за интервенција (до 6 часа од повреда).

Сега пациентот се чуствува добро, неизмерна е неговата радост што десната рака повторно може да ја користи, напиша Филипче.

Оваа комплексна интервенција беше изведена од тим на хирурзи и анестезиолози: Од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија:Доц.д-р Софија Пејкова, Д-р Бисера Николовска, Д-р Гордана Георгиева, Од Универзитетската клиника за кардиохиругија: Д-р Мишел Андов, Од Универзитетската клиника за трауматологија Д-р Игор Мерџановски, од Универзитетската клиника за анестезија реанимација и интензивно лекување Д-р Јасна Бушиноска. Исто така, тимот беше во постојана комуникација со Проф. Д-р Оскар Азман, пластичен хирург од Медицинскиот универзитет во Виена и визитинг професор на Медицински факултет од Скопје.

Реплантацијата на горен екстремитет е една од најкомплексните хируршки интервенции која вклучува остеосинтеза на коските, реваскуларизација-анастомиоза на артерии и на вени, реконструкција на нервите и на мускуло-тетивниот апарат и реконструкција на мекоткивната покривка, велат од МЗ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.