Според микробиологот д-р Никола Пановски, за да се забави ширењето на делта-сојот, не смее да има свадби во затворен простор, а потребни се и рестрктивни мерки на границите.

– Треба да има контрола на границите со земјите во кои тој доминира. И на аеродром и на границите. Треба да се размисли и за нашите луѓе што одат масовно во Грција. Меѓутоа, особено за иселениците кои понатаму во домовите, во затворен простор, овој вирус уште побрзо ќе го прошират. Треба да се повлече одлуката за одржување на свадби, барем во затворен простор, бидејќи иселениците доаѓаат баш на тие места. Исто така, да се прекинат какви било прослави во затворен простор. Тоа е минимум што би требало да се направи, изјави д-р Пановски за ТВ Телма.

На прашањето дали може со некакво повлекување на тоа што е „опуштено“ да се забави ширењето на делта-сојот, бидејќи научно е докажано дека тој се шири и на отворен простор, д-р Пановски смета дека засега треба да се фокусираме на ширењето на вирусот во затворените простори, но и на контролата на границите.

– Ако се прави нешто постапно, да се направи таму каде што се пренесува 20 пати полесно, а тоа се затворените простори. Секако дека се пренесува и на отворено, меѓутоа ако се спречи неговото влегување, тогаш ќе може и да се контролира. Но, доколку имаме 100 случаи на ден, тешко дека ќе можеме епидемиолошки да ги следиме контактите. Така што, ова е минимум што можеме да направиме. Од Комисијата се надеваат дека можеби поради тоа што 70 отсто од населението веќе има имунитет бидејќи биле во контакт со вирусот, со оригиналниот и британскиот сој, па тој процент ќе спречи брзо ширење на делта-сојот. Но, тоа повеќе е надеж, отколку тврдење и не смееме да се потпреме само на тоа, вели д-р Пановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.