Триесет и седумгодишниот пациент со Ковид-19, кој вчера беше тргнат од респираторна машина во Градската општа болница „8 Септември“, е во добра здравствена состојба, изјави за МИА директорот на болницата, Христијан Костов.

Од почетокот на епидемијата, досега, ова е прв пациент од државава, кој поради влошена здравствена состојба 12 дена бил на респиратор, а сега веќе нема потреба од таква асистенција.

Пациентот сам дише, зборува, свесен е. Веројатно така и ќе продолжи. Ако е во добра состојба уште 24 часа ќе биде преместен од Интензивна нега на Оддел. Пациентот неколку дена прима озонска терапија, има протокол на лекување и му даваат антибиотици и антиинфламаторни лекови – рече д-р Костов.

Посочи дека имаат уште тројца пациенти со Ковид-19, кои се на респираторна машина и на кои им даваат терапија со озон. Засега, додаде д-р Костов, тие не даваат знаци дека може да бидат тргнати од респиратор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.