Луѓето заразени со делта сојот имаат 300 пати поголемо вирусно оптоварување од оние кои биле заразени со оригиналната варијанта, покажа јужнокорејското истражување.
Сепак, оптоварувањето постепено се намалува со текот на времето, 30 пати за четири дена и над 10 пати за девет дена, а на тој начин се совпаѓа со вирусното оптоварување како кај другите варијанти по 10 дена, извести корејската Агенција за контрола и превенција на болести, пренесува ХРТ.
Официјалниот претставник на Министерството за здравство Ли Санг-вон објаснува дека повисокото вирусно оптоварување значи дека вирусот се шири многу полесно меѓу луѓето, зголемувајќи го бројот на болни и хоспитализирани.
Но, тоа не значи дека варијантата на делта е 300 пати позаразна. Сметаме дека нејзината стапка на репродукција е 1,6 пати поголема од алфа варијантата и околу 2 пати поголема од оригиналната варијанта – додава Ли Санг-вон.
Делта варијантата беше идентификувана за прв пат во Индија, а алфа во Британија.
Истражувачите го споредија вирусното оптоварување кај 1.848 пациенти заразени од делта варијантата со вирусното оптоварување кај 22.106 луѓе кои се заразиле со други варијанти.
Јужна Кореја во понеделникот пријави 1.509 случаи, со што бројот на заразени се искачи на вкупно 239.287, а починаа 2.228 лица.
Со прва доза се вакцинирани 51,2 отсто од 52 милиони жители, а 23,9 отсто влегуваат во бројката на целосно вакцинирани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.