Податоците покажуваат дека во светски рамки, вклучително и во нашата држава, антимикробната резистенција, односно отпорноста на бактериите кон антибиотиците е растечка закана за глобалното здравје.

Секоја година во светот умираат околу 700 илјади лица, како резултат на инфекции со бактерии отпорни кон повеќе антибиотици. Отпорноста кон антибиотиците е причина за смрт на 33 илјади луѓе, само во Европската унија секоја година и овој број се зголемува постојано.

Светската недела за подигнување на свеста за антибиотици традиционално се одбележува во ноември, со цел зголемување на глобалната свест за отпорност кон антибиотиците и стимулирање на примената на најдобрите практики кај пошироката јавност, здравствените работници и креаторите на политики.

По повод одбележување на Светската недела за рационална употреба на антибиотици, утре (19 ноември, вторник) со почеток во 12 часот, во просториите на „Даре Џамбаз“ ќе се одржи состанок на националната мрежа за следење на антимикробната резистенција, во организација на Мултисекторската комисија за контрола на антимикробна резистенција при Министерство за здравство и во соработка со Здружението на микробиолози и ЦРИС „Студиорум“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.