Германската фармацевтска компанија „Мерк“ соопштила дека нејзиниот орален лек против ковид, молнупиравир, за 50 отсто ја намалува можноста од хоспитализација или смрт кај пациентите кои имаат зголемен ризик од потешка форма на болеста, покажале прелиминарните клинички испитувања кои се објавени денеска.

„Мерк“ и партнерската фирма „Риџбек Бајотерапјутикс“ планираат да побараат одобрение од САД за итна употреба, а ќе испратат апликации и до здравствените регулаторни тела ширум светот, јавува Ројтерс.

Поради позитивните резултати, фазата три на клиничкиот тест е запрена по препорака на независното надзорно тело.

Ова ќе ја смени приказната за тоа како да се бориме против ковид – вели Роберт Дејвис, извршниот директор на „Мерк“ за Ројтерс.

Ако добие дозвола, молнупиравир, кој е направен да ги препознае грешките во генетскиот код на вирусот, ќе стане прв антивирусен лек против ковид.

Прелиминарните анализи на 775 пациенти кои учествувале во студијата на „Мерк“ покажуваат дека 7,3 отсто од луѓето кои зеле молнупиравир се хоспитализирани или починале 29 дена по третманот во споредба со 14,1 отсто испитаници на кој им е даден плацебо.

После 30 дена од земање на лекот, немало починати во групата која примила молнупиравир, додека имало 8 починати во групата која добила плацебо лек.

Антивирусното лекување кое може да се спроведе дома е исклучително важно, бидејќи ќе ги задржи луѓето надвор од болниците – вели извршната директорка на „Риџбек“ Венди Холман.

Во текот на испитувањето, кое е спроведено ширум светот, молнупиравир е земан на секои 12 часа, пет дена. Во студијата учествувале пациенти кои имале блага или средна форма на ковид и кои немале симптоми подолго од пет дена.

Сите пациенти имале зголемен ризик, без оглед дали е во прашање обезност или припаѓале на повозрасната група на луѓе.

„Мерк“ навел дека со секвенционирање дошле до заклучок дека молнупиравир е ефикасен против сите соеви на коронавирусот и на доминантниот делта сој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.