Ранливите и маргинализирани групи граѓани немаат еднакви можности за да се заштитат, ниту во време на пандемија од коронавирус. Состојбата на овие граѓани е влошена, а бројот на заболени од Ковид-19 секојдневно се зголемува, соопштија дванаесет граѓански организации, чии активисти спровеле теренски анализи.

Станува збор за граѓанските организации: Здружение Национален ромски центар, Романо Чачипе, Здружение на граѓани на просветни работници за заштита на правата на жените и децата (ЛИЛ), Иницијатива за развој и инклузија на заедниците, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), Станица П.Е.Т., Фондација ИДЕА Југоисточна Европа, Сонце – Асоцијација за демократски развој на Ромите, КХАМ Делчево, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Иницијатива на жени од Шуто Оризари, Фондација Отворено општество.

Тие посочуваат дека граѓански активисти кои се постојано на терен во Шуто Оризари, како најголема општина во која живеат Роми, но и во другите ромски населби на територија на цела земја (скопските населби: Злокуќани, Ѓорче Петров и Сарај, како и градовите: Делчево, Виница, Прилеп, Куманово, Гостивар и Тетово), стравуваат дека овој вирус интензивно се шири меѓу ранливите и маргинализирани граѓани и дека бројките ќе се зголемуваат, бидејќи тие немаат еднакви можности да се заштитат. Според нив, постои опасност овие општини да станат нови жаришта на Ковид-19, а изминативе месеци не е изнајдено решение за заштита на најзагрозените граѓани.

Многу примери во ова време на пандемија ја доловуваат социо-економската и здравствената криза кај овие граѓани. Во Шуто Оризари, голем број граѓани беа оставени без матичен лекар. Бремените жени од оваа општина и во време на пандемија повторно се соочуваат со нов проблем за преглед, бидејќи гинеколошката ординација е без гинеколог. Исто така, одделот за вакцинација во Шуто Оризари беше во прекин, со што децата од претшколска и школска возраст беа оставени без лекари. Во Делчево сè уште нема јавен превоз, што е дополнителен проблем за социјално ранливите групи, кои имаат потреба од преглед или контрола во клиничките болници, истакнуваат од организациите.

Ромите кои живеат во импровизирани и привремени живеалишта на територија на целата држава, потенцираат, останаа без можност да ги почитуваат препораките за заштита и мерките за хигиена, бидејќи немаат пристап до проточна вода ниту средства да ја набават, како ни до заштитна опрема и средства за хигиена.

Голем дел од ранливите и маргинализирани граѓани, поради некоординираноста на институциите, не ја добија еднократната финансиска помош за Домашна платежна картичка, иако ги исполнуваа условите за картичката, информираат од организациите и додаваат дека во последните четири месеци, испратиле десет барања за подобрување на положбата на ранливите групи граѓани, во услови на социо-економска криза предизвикана од Ковид-19, но на овие барања, од надлежните институции најчесто добивале одговори дека се ненадлежни.

Тие апелираат креаторите на политиките да воспостават механизми за справување со економските и социјалните последици кои се предизвикани од здравствената криза и да се преземат итни мерки, за да им овозможат еднакви можности за превенција и да спречат потенцијална појава на нови жаришта и на неконтролирано ширење на Ковид-19.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.