Во градинките и во училиштата во Македонија конечно почна да се врши редовно мерење на присуството на радон, опасен гас што според Светската здравствена организација е вториот ризичен фактор што предизвикува рак на белите дробови, објави „Нова Македонија“.
Резултати од ова мерење, според Институтот за јавно здравје, би требало да бидат објавени наскоро, а во меѓувреме битно е да се каже оти без соодветни заштитни мерки, пред сѐ често проветрување на просториите, гасот може да предизвика сериозни здравствени проблеми кај луѓето што се директно изложени.
Инаку, радонот е потежок од воздухот, во поголемо количество може да го има и визбите и во други приземни простории. Особено загрижува фактот што на оваа опасност се изложени најмладите генерации во Македонија. Ваквиот податок, дополнет со алармантно високото ниво на загаденост на воздухот, дополнително ги загрижува граѓаните.
– Помалите деца седат во градинките и училиштата по осум-девет часа за време на целодневната настава. Кога ќе појдам да го земам мојот син, едноставно не се дише во училниците, особено во зимскиот период. Навистина се прашувам што сѐ дишат и во какви услови престојуваат овие наши дечиња – вели Атанас Трајановски, родител на ученик во трето одделение во едно скопско училиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.