Охриѓани чекаат и по час и половина пред вакциналниот пункт во модуларната болница за да се имунизираат, а никој не ги информирал дека е затворен пунктот во „Билјанини извори“, објави „Охрид24“.

Во тек е масовната имунизација на населението, а од денеска почна и вакцинацијата на малолетни од 12 до 16 години. Дел од граѓаните треба да ја примат и втората доза на вакцината против ковид-19 и сето тоа донесе гужви и нервозни граѓани.

Чекам од 10 часот, еве веќе час и половина чекам. Нема никаков ред, ова е хаос, вели граѓанин за ОХРИД 24.

Има и такви кои не дочекаа да примат вакцина па си заминаа.

Јас имав термин во 9 часот, но не стигнав да влезам. Има премногу, а никој нема да воведе ред, не можам толку долго да стојам, ќе дојдам покасно или друг ден, вели друг граѓанин.

Некои граѓани пак заминале во спортската сала “Билјанини Извори” каде претходно се вршеше вакцинација. Велат дека немало никакво известување за промена на локацијата.

Јас со такси отидов во спортската сала знаејќи дека таму ќе ја примам и втората доза. Но, кога стигнав таму немаше никој, од вработените разбрав дека пунктот е префрлен овде во модуларната болница. Никаде немаше известување дека локацијата е променета. Кога стигнав овде гледам гужви, ова не е во ред, вели револтирана граѓанка.

Дополнително хаос направи и силното невреме кое и денеска го зафати градот, па граѓаните мораа да бараат и место каде да се засолнат од дождот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.