Во земјава и натаму има голем број заболени од Ковид-19. Според податоците на Институтот за јавно здравје, објавени вчера, од 702 направени тестирања, регистрирани се 127 нови случаи, тројца се починати, а седум се оздравени.

Вкупната бројка на дијагностицирани во земјава изнесува 3.152, излекувани се 1.653 пациенти, има 1.343 активни случаи, а починати се 156 лица.

Најголем број заболени 1.332 се дијагностицирани во Скопје, додека бројот на активни случаи изнесува 720, потоа следат Куманово со 556 дијагностицирани и 139 активни случаи, Тетово со 291 дијагностицирани и 127 активни случаи, Прилеп со 218 дијагностицирани и 27 активни случаи, Штип со 207 дијагностицирани и 169 активни случаи…

Заклучно со вчерашните податоци активни случаи во Скопје и околината има во: Чаир – 168, Центар – 64, Бутел – 63, Гази Баба – 58, Аеродром – 57, Сарај- 55, Карпош – 45, Кисела Вода – 35, Арачиново – 23, Студеничани – 19, Илинден – 18, Ѓорче Петров – 18, Шуто Оризари – 17, Петровец – 6, Чучер Сандево – 3, Сопиште – 2 и двајца странски државјани.

Во однос на состојбата на пациентите во јавно-здравствените установи, тој истакна дека на Инфективната клиника има вкупно 71 пациент и нема пациенти на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ има 42 пациенти, на респираторна машина се 8, a со потешка клиничка слика се уште 7 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 13 пациенти, во болницата во Штип се хоспитализирани 24 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 39 пациенти.

Во изминатите денови, практично цела измината недела, се направи таргетирано тестирање- скрининг на контакти на заболени. Екипите на центрите за јавно здравје интензивно работеа на терен во кризните региони и бројката која ја гледаме овие неколку дена е резултат на тоа. Ова беше сосема очекувано и ние тоа го најавивме. Таквото тестирање беше рана дијагностика и навремена изолација на контактите на лицата кои се носители на вирусот во рамки на познатите кластери. Се покажа дека најголем број од заболените се всушност заболени на семејни и други собири, па со ваквата стратегиja практично ги изолиравме сите контакти на заболените кои се без симптоми. Полицискиот час за викендов дозволи многу полесен пристап и брзо тестирање на сите контакти што претходно беше многу отежнато во последните денови. Позитивно е што покрај првичниот отпор кај дел од контактите сега веќе имаме подобра соработка и успеваме полесно да пристапиме и тестираме. Апелирам уште еднаш граѓаните максимално коректно да соработуваат со епидемиолозите и да даваат точни податоци. Огромен процент од дијагностицираните случаи се со лесна клиничка слика или се асимтоматски и од вкупниот број само 8 пациенти се на механичка вентилација“, потенцираше министерот Филипче.

Тој истакна дека околу 65% од активните позитивни случаи во Скопје се поврзани со познат случај, а од нив 90% припаѓаат во 41 кластер. Слична е состојбата и во другите 3 кризни региони каде најголем процент од заболените и тие се рамките на истите кластери.

Кластерската анализа покажа дека речиси сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир, прослава во период на 24ти и 25ти мај, односно точно пред две недели, а на што укажа деталната анализа во епидемиолошките прашалници. Овој бран е резултат на ова и повторно ќе кажам, непочитувањето на мерките не доведоа до овој нов бран. Анализата во текот на поседните 7 дена покажува дека успеваме жариштата да ги задржиме во рамки на одредени територијални целини, односно дека нема значајно ширење надвор од нив. Една од дилемите кои се појави е ширењето во други општини во Скопје, надвор од првичните кризни Чаир, Сарај, Гази Баба и Бутел. Тоа е очкувано затоа што Скопје функционира како една целина дека голем дел од овие кои се нови во други општини се исто така поврзани со настаните од ист период. Во периодот кој следи комисијата ќе предложи до Владата, во текот на денешната седница ќе се дискутира за евентуална рестрикција на движењето“, рече министерот Филипче и додаде дека непочитувањето на мерките за заштита го донесе вториот бран во земјата и сите треба да извлечеме поука од ова.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.