Медицински персонал утре ќе оди по училиштата и теренски ќе ги вакцинира оние кои не ја примиле вакцината против морбили, откако се прогласи епидемија на морбили на целата територија на државата. Министерот за образование, Арбер Адеми оцени дека кампањата не е агресивна и очекува теренската вакцинација да вроди со плод.
„Мислам дека воопшто не е агресивна кампањата, а треба да биде агресивна, имајќи ја предвид ситуацијата со која се соочуваме. Имаме епидемија и институциите е недозволиво да стојат со скрстени раце туку треба да бидат проактивни, да излезат на терен и да ја подобрат ситуацијата“, рече Адеми.
Тој додаде дека е во постојана комуникација со министерот за здравство Венко Филипче, со цел изнаоѓање на соодветно законско решение со кое нема да има уписи во училишта на невакцинирани деца.
„При упис треба да се приложи документ за примени вакцини, но мора да внимаваме и на уставната обврска со која основното образование е задолжително, но и со тоа да се внимава да не се загрозува јавното здравје на никој”, вели Адеми.
За разлика од него, Филипче вчера најави дека нема упис на невакцинирани деца и дека тоа е оправдана мерка согласно законските прописи за имунизација и заштита на населението од заразни болести.
„Никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту пак со својата индивидуална одлука да влијае на тоа”, рече Филипче.
Инаку, во текот на изминатото деноноќие на Инфективна клиника биле примени 14 пациенти со морбили од кои двајца биле задржани на болничко лекување. Заболените се од Гостивар, Битола, Куманово, Охрид и Скопје. Петнаесет бебиња со мали сипаници се на болничко лекување во Клиниката за детски болести.
Пред два дена во Македонија беше прогласена епидемија на ситни сипаници на цела територија. Комисијата за заразни заболувања донесе одлука забрана во градинките за сите невакцинирани деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.