Клиничка болница „Жан Митрев“ од Скопје се огласи во врска со написите во медиумите за напуштањето на дел од хируршкиот тим од детската кардиохирургија. Како што велат оттаму, клиничката болница „Жан Митрев“ прави планови за оперативен третман за уште 20-тина деца во наредните неколку недели.
Соработката со Министерството за здравство продолжува и понатаму. Нашата посветеност кон моделот останува наша главна мотивација – велат од Клиничката болница „Жан Митрев“.
Третманот на децата продолжува во Клиничката болница „Жан Митрев“. Тие и натаму ќе се оперираат во таа Клиника на сметка на Фондот без оглед дали заминува тимот предводен од д-р Владимир Чадиковски, кој од Детска хирургија пред неколку месеци направи трансфер во таа Клиника.
Клиниката „Жан Митрев“ пред дваесетина години го потпиша првиот договор со Фондот за здравствено осигурување за кардиоваскуларна хирургија. Оттогаш во континуитет се изведуваат сите видови на кардиоваскуларни операции. Досега се третирани над 1.000 вродени срцеви маани како кај возрасни, така и кај деца и бебиња. Моделот за детска кардиохирургија во склоп на Клиниката тече без никаков застој. Пред само неколку денови успешно беше изведена една од најтешките и најкомплексните операции на срце кај новородени, велат од Клиничката болница „Жан Митрев“.
Чадиковски, кој е единствен лиценциран детски кардиохирург на клиниката за детска хирургија работеше 20 тина години по што пред пет месеци направи трансфер во болницата на Жан Митрев за изведување на операции на срце кај бебиња и деца во современи услови, откако државата и болницата на Жан Митрев се договорија фондот да ги покрива операциите.
Неофицијално причнина за заминувањето на Чадиковски и неговиот тим од болницата на Жан Митрев се непремостливи разлики – за начинот на функционирање и вршење операции. Иако во јавноста ова се толкува дека може да го доведе во прашање целиот проект на јавно приватно партнерство што беше најавен пред половина година здравствените власти посочуваат дека промени во соработката со клиниката на Жан Митрев засега нема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.