Експертите наведуваат дека по примањето на втората доза вакцина против COVID-19 би можеле да се појават посилни нуспојави. Но, овие нуспојави главно минуваат сами од себе по 48 часа од вакцинирањето. Најчести нуспојави се умор, болка во рацете и висока температура.

Некои луѓе пријавиле дека по втората доза на вакцината им се појавиле нуспојави како зголемена температура, умор, главоболки и болки на местото на убодот. Но, нуспојавите всушност се добар знак дека вакцината делува и почнува да се гради имунолошки одговор.

Кога сте болни или имате температура, тоа обично е знак дека вашето тело реагира. Обично станува збор за краткотрајна појава, вели д-р Дебра Повел, шефица на одделот за заразни болести во Tower Health, Пенсилванија.

Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести, во САД се искористени повеќе од 55 милиони дози вакцини, а околу 15 милиони луѓе се вакцинирани со двете дози на вакцини.

Вакцините на Pfizer и Moderna се mRNA вакцини кои го активираат имунолошкиот систем така што го дефинираат видот протеин што се наоѓа во вирусот кој предизвикува COVID-19.

Првата доза на вакцина го учи вашето тело како да реагира на вирусот, објаснува докторката и додава дека одговорот на имунолошкиот систем би можел да биде малку поизразен по втората доза.

„Тоа го гледаме и кај вакцината против тетанус, како и кај останатите често користени вакцини за возрасни. Но, има и случаи кога нуспојави се појавиле и по првата доза, а по втората немало нуспојави“, објаснува д-р Шерон Некман од детската болница Stony Brook во Њујорк.

За Healthline таа објасни дека уморот и локалните реакции се вообичаени нуспојави. Благите нуспојави по вакцинација минуваат сами од себе по 48 часа, а нуспојавите се поизразени кај помладите отколку кај повозрасните лица.

Без разлика на нуспојавите, вакцините делуваат. Според Повел, првата доза на вакцина го зголемува имунолошкиот одговор за 50 проценти, а втората доза за 95 проценти што секако треба да ги поттикне луѓето да се вакцинираат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.