Тетовската болница бележи рекордни 80 лица на болничко лекување поради Ковид-19, што не беше случај ниту во ноември 2020, ниту во март/април 2021 година кога имаше голем број болни и починати. Изминатото деноноќие има пет починати и нови 12 хоспитализирани.
Имаме состанок со сите раководители на одделенија и директори, бројот се зголемува секој ден – 80 хоспитализирани, амбулантски прегледи има над 120, сите тие се со Ковид што значи дека болницата третира околу 230 позитивни лица. Имаме прогноза дека секој ден ќе биде се полошо. Кадарот што користи одмор се враќа на работа и чекаме нови мерки, изјави за МИА д-р Гзим Нуредини, координатор на Ковид-центарот.
Освен во модуларната болница, болни има на двата ката од интерното одделение, инфективното, а пациенти со ковид се хоспитализирани и во специјалната болница во Лешок.
Со овие простори менаџираме. Ќе имаме нови хоспитализации, договараме дали ќе треба ковид соби и во другите одделенија на клиниката. Се дискутираше за носење во Скопје, но бројот секаде се зголемува, истакна Нуредини.
Сите пациенти на болничко лекување се над 65 години, невакцинирани и со хронични болести. Само осум од нив, се со една доза вакцина против Ковид-19.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.