Системот за закажување „Мој термин“ од изутринава е блокиран при креирањето упати и издавањето боледувања во голем број случаи. Надлежните појаснуваат дека причината е што некои софтверски куќи задоцниле со прилагодувањето на новините, иако навреме биле информирани, а матичните лекари велат дека уште во саботата предупредиле дека може да се случи вакво нешто и потстетуваат дека без тестирање не треба да се менуваат програми на „Мој термин“, објави Плус Инфо.

Од Здружението на приватни лекари тврдат:

Хаос е од утрово, пациентите мораме да ги враќаме и нон-стоп ѕвонат телефони, бидејќи матичните не можат да издадат упат за микробиологија, ехо на абдомен, боледување… Пациентите реагираат, некои си земале и слободен ден, а не може да добијат упат… Ние како Здружение уште во саботата алармиравме дека ова може да се случи, кога ни се јави лекар од Битола дека има проблем. Ни боледување, ни упатување на комисија не може да се даде, ништо. Алармиравме дека не треба да се случи имплементација и измена на програмите во Мој термин, без да има тестирање на системот. Лекари со 35-годишно искуство денеска ми реагираат дека пред пациентите испаѓа дека не знаат упат да креираат, а фактички не можат. Секогаш кога се воведува нешто ново, организираме работилници и на терен одиме во ординации, а најважно е заеднички тест да се направи во 10 амбуланти и тоа на сите 10 софтвери, за да не се случуваат токму вакви работи – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на РМ.

Таа тврди дека пред два дена за ова реагирале со мејлови и до Фондот и до Министерството за здравство.

Никој не нѐ побара, а ние стоиме на располагање и треба да ги искористат нашите искуства. За било каква измена, нови упати или друго, секогаш имало тестирање. Треба некој од Министерството или Фондот да координира, а не сега пациентите да се нервираат и бесот да го искажуваат на нас. А се нервираат и лекарите, еве на колега од Ченто му се кренал шеќерот од изутрина поради проблемот со креирање упати… Мораше или пилот проект да има пред да се воведе некоја новина или да ја вратат старата верзија на програмата, ова е голем пропуст, а испаѓа дека ние сме одговорни – вели д-р Чолакова.

И пациентите реагираат.

Системот беше блокиран, упати не излегуваа, се преклопуваа податоците кои лекарот треба да ги внесе. Едвај, по речиси еден час, докторката ги доби надлежнте од Мој термин и успеаја да одблокираат. Друга пациентка чекаше да плати за услуга, и тоа беше заглавено – вели скопјанката Е.П.

Од Управата на „Мој термин“ признаваат дека има проблеми во системот, но не поради нив, туку задоцниле софтверските куќи.

Не е блокиран „Мој термин“, причината за тоа што има проблеми и мал застој е бидејќи има многу голема промена во системот, а некои софтверски куќи задоцнија со прилагодувањето на новините, иако се навреме информирани од наша страна. Но тоа сега го дознаваме, еве на 10 телефони сме истовремено од изутрина и техничките проблеми ги отстрануваме во од и работите се решаваат. Се отклонува веднаш проблемот со издавањето упати по повикот од лекарите, а за упатите постои и нова верзија. Но има и некои лекари коишто не се информирани за новините, иако и преку Лекарска комора и други ја најавивме новата верзија – појаснуваат од „Мој термин“.

Оттаму додаваат дека во случаи кога е итна состојбата за некој пацент, „никој од лекарите на Ургентен или на друго место, нема да го врати, ќе го прегледа и ќе го покрие накнадно прегледот со упат. Додека за хронични состојби може да се почека“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.