Музичката критичарка, новинарка, публицист Бранка Костиќ Марковиќ е позитивна на корона вирусот, а таа оваа информација ја сподели на нејзиниот фејсбук-профил. Таа во објавата пишува дека со нејзиното семејство направиле тест поради превентива, а резултатот кој го добила за себе бил изненадувачки.

„Драги пријатели, сакам да ви соопштам дека утрово стигнаа резултатите од тестовите на КОВИД-19, мојот и на мојот сопруг. Јас сум позитивна, а тој е негативен. Никој дома, ниту нашите блиски немаат симптоми. Се тестиравме зашто мојот сопруг е универзитетски професор во Белград и требаше да планира во следниот период да замине во Србија за да ги одржи испитите со студентите со кои целиов овој пандемиски период држеше предавања онлајн. Заради превентива (да не’ остави дома со „раат“ дека сме добри, а и дека тој ќе оди здрав преку граница, иако без никакви симптоми, но и заради заштита на колегите во Србија), решивме да се тестираме. Но, еве, бевме изненадени од резултатот.

Ги известивме сите во потесното и поширокото семејство, пријателите и соработниците, а утре го очекуваме и брисот на нашиот син (земен денес). Се разбира, следните две седмици ќе бидеме во изолација и матичните доктори ќе ја следат нашата состојба. Во анкетата што денес ми ја направи мојата матична докторка кажав дека немам ниту еден од вообичаените симптоми за коронавирусот, па искрено се надевам и посакувам дека такви ќе бидат извештаите и за следните 14 денови. Вам, како и досега, повторно ќе ви посакам добро здравје и почитување на мерките. Чувајте се, зашто и при голема претпазливост не знаете од каде може да се протне вирусот. Исто така, бидете совесни и подобро е сите да знаат, како што јас веднаш ви кажувам, отколку да молчат и да направат голема штета.

П.С. Простете доколку не стигнам да ви одговорам на вашите пораки и на телефонските повици. Сега ми претстои голема организација и на животот во карантин и на мислите. Вие навивајте за нашето здравје и за здравјето на сите вас. Јас, ако сум навистина позитивна и поминам асимптоматски или со лесни симптоми, со задоволство ќе дадам плазма за лекувањe“, напиша Бранка Костиќ Марковиќ.

1



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.