Епидемиолозите открија еден нов случај на инфициран со корона вирусот во гостиварскиот регион. Од последните пет тестирања, едно лице од општина Врапчиште имало позитивен резултат на КОВИД 19. До денеска се активни вкупно 30 случаи.

Според информациите на меѓуопштинскиот кризен штаб, во општина Гостивар сега има 14 активни случаи, во општина Врапчиште 13, а во Маврово и Ростуше 3.

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари кој е претседател на штабот за денеска околу пладне најави нов состанок на кој покрај градоначалниците ќе присуствуваат и претставници на повеќе институции. Тој претходно состојбата ја оцени како стабилна и предупреди на задолжително почитување на мерките за заштита.

Во трите гостиварски општини од почетокот на пандемијата направени се 475 тестови од кои 51 лице имало позитивни резултати на КОВИД 19. Од нив, 24 се во Гостивар, 22 во Врапчиште и пет во Маврово и Ростуше. Како последица од инфицирање со корона вирусот починаа три лица. За излекувани се водат 18 пациенти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.