Градинките и училиштата и по завршување на епидемијата со мали сипаници во Скопје, нема да примаат невкцинирани деца, вели за СДК министерот за здравство Венко Филипче, по реaкциите на родителите кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца дека забраната е времена мерка која ќе заврши со отповикување на епидемијата.

Нема да се примаат деца во градинка и училиште и по завршување на епидемијата согласно постоечките закони и одлуки на Уставен суд. Епидемијата не е отповикана, се уште секојдневно има нови случаи, вели Филипче.

Родителите деновиве на социјалните мрежи водат жестоки дискусии околу тоа дали по завршување на епидемијата ќе може да се носат невакцинирани деца во градинките. Дел од нив велат дека ова е времена мерка и дека откако ќе биде отповикана епидемијата градинките ќе може да примаат и невакцинирани деца. Други пак реагираат дека со времената мерка биле принудени да ги вакцинираат децата, а трети пак реагираат дека оние што одбиваат да ги вакцинираат своите деца го загрозуваат и здравјето на останатите.

Забраната за прием на деца во градинките и училиштата здравствените власти ја донесена како мерка при прогласување на епидемијата на морбили во Скопје на втори јануари годинава, откако беа откриени повеќе заразени деца од предучилишна возраст во скоро сите општини во Скопје. Претходниот месец епидемија на мали сипаници беше прогласена во скопската населба Радишани, каде беа регистрирани шест заболени деца кои посетувале иста градинка и еден возрасен

Уставниот суд во 2014 година не поведе постапка по инцијативата од група родители за преиспитување на задолжителната вакцинација при упис во училиште и градинка согласно Законот за заштита на населението од заразни болести.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.