Американската Агенција за лекови (ФДА) одобри кому ќе му се даде трета доза од вакцината на Бионтек/Фајзер против Ковид -19, таканаречена „бустер“ доза. Трета доза ќе примаат постарите граѓани и за помладите кои се загрозени поради својата здравствена состојба или кои поради професијата се најизложени на можна зараза.

ФДА одлуката ја објави вчера вечер, а минатата недела тоа го препорача стручниот совет на Агенцијата. Тоа значи дека постарите од 65 години и помладите кои се сметаат за најизложени на ризик поради здравјето или професијата можат да се вакцинираат со уште една доза најмалку 6 месеци откако ги примиле двете дози.

„Бустер дозата“ ќе биде дозволена за оние групи кои се вработени во здравството, наставниците, во супермаркетите и луѓето кои работат во засолништата за бездомници и во затворите.

Стручниот совет на ФДА минатиот петок оцени дека поради податоците со кои располагаат не оправдуваат вакцинирање со трета доза на општата популација над 16 години.

Претседателот на САД, Џо Бајден, веќе најави почеток на вакцинирањето со трета доза од 20 септември за сите кои се вакцинирани пред 8 месеци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.