Најновата студија на научниците од МЕСА во САД открива дека доколку имате проблеми со спиењето, лошо или недоволно спиете, проблемот може да е загадениот воздух.

Реултатите од истражувањето спроведено на 1.863 лица во 6 различни градови, покажале дека има 60% поголема веројатност луѓето што живеат во градови или населби каде нивото на загаденост на воздухот е многу високо да спијат полошо од оние кои живеат во места со чист воздух. Постојат сомневања и дека ситните пм2,5 честички од загадениот воздух може да навлезат преку крвотокот до центарот на мозокот задолжен за регулација на спиењето и да влијаат пореметувајќи ја неговата нормална работа.

Преку специјални часовници што ги носеле учесниците во студијата, истражувачите следеле колку пати во текот на ноќта се будат испитаниците и колку време остануваат будни, а потоа тие податоци ги споредувале со нивото на загаденост на воздухот со азот диоксид и пм2.5 честички. Откриле дека процентот на луѓе кои страдале од лош сон или не можеле да спијат се зголемувал како се зголемувало нивото на загаденост на воздухот во местото на живеење и долготрајноста на изложување на таков воздух.

Хроничниот недостаток на сон резултира со денови исполнети со лошо расположение, намалена ефективност и работоспособност како и слаба концентрација поради што се зголемува ризикот од сообраќајни несреќи. На долг рок лошото спиење освен што влијае на квалитетот на живот може да доведе до сериозни кардиоваскуларни заболувања и депресија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.