Министерството за здравство и Лекарската комора на Македонија барат заштита за лекарите и сестрите и казни за насилниците откако за два дена се случија два напади врз лекар и медицинска сестра. Во болницата во Тетово, пред очите на полиција беше нападнат лекар кој поради сериозноста на повредите беше префрлен на Клиниката за неврохирургија во Скопје, а синоќа, во поликлиниката Драчево пациент физички нападнал медицинска сестра.

Жално е и тажно што во два последователни дена, Лекарската комора мора да реагира на ова што им се случува на здравствените работници. Загрижени сме од слоботата која пациентите ја чувствуваат за своето незадоволство го изразуваат со нетрпение, нервоза и насилство кон нас, како докторите, така и медицинските сестри и болничарите. Лекарската комора бара од институциите да ги заштитат своите здравствени работници. Не само полициска заштита. Ги замолуваме нашите пациенти да ги видат нивните права, и да видат дека имаат обврска да го почитуваат оној што им пружа помош. Докторите со закон се прогласени за службени лица, но кога ќе бидат натепани или застрелани, тоа не помага многу. Соработниците на докторите не се службени лица. Луѓето кои се грижат за здравјето на другите луѓе заслужуваат почит“, вели претседателката на Лекарската комора Калина Гривчева-Страделова.

За министерството за здравство напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност е недозволиво и казниво според закон.

Здравствените работници се грижат за здравјето на сите граѓани во нашата држава. Тие се оние кои прават сѐ за да спасат човечки животи. Министерството за здравство нема да дозволи физичко насилство врз медицинските лица кои секојдневно спасуваат животи во болниците, велат од Министерството.

Според Законот за здравствена заштита, член 304-г:

(1) Тој којшто ќе нападне или сериозно се заканува дека ќе нападне здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност како службена дејност и давање на здравствени услуги, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако при извршувањето на делото од став (1), сторителот со употреба на оружје или друго опасно орудие го малтретира или го навредува здравствениот работник и/или здравствениот соработник или телесно го повреди, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(3) Ако на здравствениот работник и/или здравствениот соработник му е нанесена тешка телесна повреда, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. Ако сторителот на делото од ставовите (1) и (2) на овој член бил предизвикан со незаконито или грубо постапување на здравствениот работник и/или здравствениот соработник, може да се ослободи од казна.

(4) Ако сторителот на делото од ставовите (1) и (2) на овој член бил предизвикан со незаконито или грубо постапување на здравствениот работник и/или здравствениот соработник, може да се ослободи од казна.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.