Американските научници од универзитетот во Пенсилванија соопштија дека успешно генетски измениле леукоцити земени од пациенти кои боледуваат од рак, и потоа се по-успешни во борбата против клетките на ракот.
При истражувањето, научниците земале Т – леукоцити и извршиле генетска обработка при што од нив отстраниле неколку гени, по што ги вратиле во пациентот.
Се покажало дека вака изменетите клетки можат да преживеат во телото на пациентот релативно долго време, а притоа се многу по-успешни во откривањето и убивањето на клетките на ракот од обичните имунолошки клетки. Научниците се надеваат дека на овој начин ќе успеат да создадат биолошки лек против ракот кој може да се произведе од секој пациент одделно.
Гените кои биле отстранети од леукоцитите понекогаш ги попречуваат во пронаоѓањето на клетките на ракот. Паралелно со ова истражување, американските научници работат на уште еден пристап преку кој се надеваат дека ќе ги видоизменат леукоцитите да станат ефикасни убијци на ракот.
Истражувањето во Пенсилванија било спроведено врз тројца пациенти кои во своето тело поседувале одредена молекула наречена ХЛА-А 0201, која е неопходна за да успее овој пристап кон обработка на леукоцитите.
Заедно со враќањето на обработените леукоцити, пациентите примиле и цитостатичка терапија, при што се покажало дека леукоцитите можат да ги преживеат цитостатиците и не предизвикуваат некакви несакани ефекти. Следниот чекор е овој вид на испитувања да се извршат врз поголем број пациенти заболени од рак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.