На Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) ќе се породуваат исклучиво трудници со високоризична бременост и сомнителни на Ковид-19, а оние со нормална бременост се препраќаат од вчера на Гинекологија Чаир, потврдија од ГАК за „Република“.

Пациентките со нормална бременост од вчера се препраќаат во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Сите други трудници кои имаат високоризична бременост, или пак трудници со компликации остануваат на ГАК. Засега така стојат работите, но тие се менуваат во зависност од ситуацијата, велат од ГАК.

Од ГАК за „Република“ објаснуваат дека веќе е подготвен одделот за изолација на трудници. Засега нема такви случаи.

Одделот за изолација каде што ќе бидат примени сомнителни случаи или заразени е подготовен. Имаме тим, бокс, патека на движење, направени се протоколи, додаваат од Гинекологија.

Од ГАК апелираат до трудниците кои треба да одат на ЦТГ тоа исклучиво да го прават кај матичните гинеколози.

ЦТГ-то мора и исклучиво да се прави кај матичните гинеколози. Нема никаква потреба тоа да се прави на Клиника, велат од ГАК.

Според податоците на Министерството за здравство, до 12 часот во земјава има 114 заразени лица со коронавирус.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.