На фејсбук е формирана група за бесплатен превод на медицинска документација наменета за лекување или консултации со медицински установи надвор од државата „Превод – кога е најпотребен“. Под медицинска документација се подразбираат документи кои содржат анамнеза, дијагноза, терапија, болнички протоколи, отпусни листи, напатствија и препораки за натамошно лекување на пациентот.

Нашата работа како администратори (Стефанија, Љубинка и Светлана) е да ја олесниме комуникацијата меѓу барателот на превод и преведувачите, во исто време штитејќи ја приватноста и на барателот и на преведувачот. Дополнително, постојано ја ажурираме базата на податоци на пријавени преведувачи, правиме статистичка обработка на преводите, се во насока што побрзо да одговориме на барањата за превод, велат администраторите на групата.

Во групата се преведува документација на 18 јазици од 140 преведувачи.

До идејата дојдовме случајно, во дискусија на слична тема на социјалните медиуми заклучивме дека голем дел од нас веќе преведуваат медицинска документација без да го наплатат преводот, само што не сме биле организирани. Ветив дека ќе ја направам групава, и идејата – колку и да беше случајна, сега е реалност, успешна реалност, велат во интервју за „Борка“ администраторите на групата.

Групата е формирана на 25 јуни 2019 година. Преведувачите не се само јазичари, туку има и постојани судски преведувачи кои се доктори на пример.

Помошта и поддршката од докторите во групата е од огромна важност за нас и во оваа прилика искажувам немерлива благодарност до секој член на групата кој на било кој начин помогнал да ја оствариме нашата мисија. Секој граѓанин може да побара превод во Групата, групата е отворена за нови членови и бројот на членови секојдневно расте, велат администраторите.

Тие ја објаснуваат едноставна процедура за барање односно добивање на превод.

Барањата за превод, заради заштита на приватноста на барателот, се доставуваат на електронската адреса mkdpreveduvaci@gmail.com. Документите кои што треба да бидат преведени пожелно е да бидат во PDF формат, скенирани документи, наместо фотографии од документи со цел да се што почитки. Документот за превод мора да содржи име, презиме и датум на раѓање на пациентот. Пораката треба да содржи информација за јазикот на кој треба да биде извршен преводот, рок на извршување на преводот, сродство со пациентот на кој што се однесува документацијата и евентуалната потреба преводот да биде судски.

Од пракса и заради итноста на преводите, пожелно е документот да биде што пократок; Доколку докторот не може да издаде пократок документ, пожелно е да сугерира кој извештај од лабораториска анализа е полезен за натамошното лекување, со маркер да обележи кои делови од документот се важни… се во насока на што побрзо извршување на преводот.

Групата се пребарува на Facebook: „Превод – кога е најпотребен“, електронската адреса на групата е mkdpreveduvaci@gmail.com

Поврзувањето со Групата е преку следнава врска: https://www.facebook.com/groups/617171338806207

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.