Тетово имаше само 19 отсто вакцинирани граѓани во јули кога почна четвртиот бран на ковид-19 и во овој град до крајот на август починаа 106 лица, покажува статистиката на Министерството за здравство.

Во Тетово имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август, велат од МЗ.

Министерството за здравство информира дека за време на четвртиот ковид бран, во период од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.

Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37 отсто. Слична е состојбата и во Гостивар каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население, во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30%, а бројот на починати со ковид е 73.

Моментално во Тетово има активни 1.972 случаи.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 178.159, бројката на оздравени пациенти е 157.294, на починати е 5.987, а бројот на активни случаи изнесува 14.878.

Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61 проценти, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат.

Време е да ги отфрлиме сите заблуди во врска со вакцините и да се придвижиме кон фактите и кон реалните докази кои всушност ни покажуваат колку тие се значајни и ефикасни. Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме да живееме повторно слободно, без ограничувања и без рестрикции, велат од МЗ.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 733.226 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 4.179 граѓани, а завчера вкупно се вакцинирале 12.022 граѓани.

Во државата вкупно се аплицирани 1.280.332 дози вакцини, а ревакцинирани се 547.105 граѓани.

Според Министерството за здравство 53 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 28 проценти од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.