Состојбата во државата е вонредна и овие моменти не би требало да се користат за ексклузивитет, апелираат од Министерството за здравство во контекст на тоа дека одредени медиуми објавуваа први за дневниот биланс и за состојбата на лицата дијагностицирани со ковид-19.

Со оглед на тоа што во изминативе денови неколку медиуми први информираат за статистиката на денот, ги замолуваме сите медиуми да се држат исклучиво до официјалните информации кои излегуваат од релевантните институции наместо да користат лични контакти за информирање. Податоците може да бидат неточни, но и податоци без детална информација предизвикуваат страв и паника кај семејствата кои се лекуваат од ковид-19 на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, како и во останатите јавно-здравствени установи, велат од Министерството за здравство.

Додаваат дека Министерството за состојбата со коронавирусот истовремено ги известува сите медиуми веднаш откако ќе ги добие официјалните податоци од Институтот за јавно здравје.

Апелираме на солидарност и грижа во овие моменти. Ве замолуваме за известувањето во однос на состојбата со пациентите да се информирате исклучиво од Министерството за здравство, се вели во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.