По повод Меѓународен ден на аутизам, Министерството за здравство информира дека дава целосна поддршка за реформирање и отворање на нови здравствени центри за рана интервенција кај децата со аутистичен спектар на нарушувања.

Од Министерството информираат дека дале поддршка и овозможиле користење на дел од неискористениот простор на ЈЗУ во Здравствениот дом Скопје, во Општата болница во Охрид, во Специјалната болница Св.Еразмо и во Клиничката болница во Тетово за отворање на центри за давање на широк спектар на услуги кои можат да им помогнат на децата на кои имаат задоцнување во развојот или специфични здравствени состојби.

Сето ова е во рамки на отворената соработка со граѓанскиот сектор, а на барање на Здружението на граѓани за третман на лицата со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет” од Скопје.

Во овие центари е овозможено давање потребна поддршка на децата од различни видови професионалци на околу 200 деца (без центарот во Тетово кој сеуште не ги примил своите корисници) во кои ќе им се помогне да го достигнат максималното можно развојно ниво со што им се зголемуваат шансите за успех во подоцнежните години.

Од Министерството соопштија дека покрај вообичаената форма, првпат центарот во Тетово ќе се карактеризира со дополнителна форма на Мултиетнички центар за третман на деца со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром.

Аутизмот или аутистичниот спектар на нарушувања (autism spectrum disorderѕ, ASD), претставуваат широк спектар на состојби кои се карактеризираат со предизвици во социјалните интеракции, говорот и невербалната комуникација, како и повторувачки однесувања. Иако аутизмот, како термин е дефиниран пред повеќе од 50 години, веројатно оваа состојба била дел од човечката состојба низ историјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.