Концептот на јавно приватно партнерство сѐ уште е во фаза на разгледување, по што ќе следи изработка на физибилити студија за целиот проект, која или ќе ја оправда или нема да утврди потреба од вакво партнерство. Физибилити студиите ќе бидат изработени веднаш по завршување на изборниот процес, согласно законските процедури. Пациентот треба да има избор каде ќе се лекува и според неговите потреби ќе има можност да избере што е најдобро за него. Нема да правиме отстапки на нашиот пат за да го овозможиме најдоброто за здравствените осигуреници, соопшти Министерството за здравство.

Според нив, тие во континуитет работат за унапредување на условите за третман и лекување на пациентите во јавното здравство и паралелно за унапредување на условите за работа и статусот на сите здравствени работници.

Повикувајќи се на денешното соопштение од Синдикатот на Клинички центар, потенцираме дека сите чекори за подобрување на здравствениот систем се преземаат со однапред планирани проценки. Синдикатот како и досега, останува наш партнер кој и понатаму ќе биде вклучен во сите процеси за новините во овој систем. Воедно, за секоја етапа од процесот, се информираат и консултираат здравствените работници и со нив се договара модалитетот на промените, велат од Министерството.

Според МЗ не станува збор за затворање на универзитетските клиники, туку за унапредување на условите за работа, што е во интерес и за лекарскиот кадар и за пациентите. Сѐ што прави Министерството за здравство е во насока на зајакнување на јавното здравство и негово издигнување на повисок степен.

Министерството за здравство изготви анализа, која покажа дека е неопходна изградба на минимум три катни гаражи за што се утврдени предлог-местоположбите, како и финансиски конструкции за изградба. Еден од можните модели за финансирање на изградбата и одржување на паркиралиштата е моделот на јавно приватно партнерство со што би се барал можен инвеститор од приватниот сектор. Студијата е презентирана пред Владата на Република Македонија, меѓутоа поради изборниот процес во нашата држава, донесувањето одлука за прифаќање на физибилити студијата е одложено од административни причини, се до завршувањето на изборниот процес, по којшто постапката ќе продолжи. Министерството за здравство вложува максимални напори за надминување на сообраќајниот метеж во кругот на Клинички центар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.