Министерството за здравство денеска испрати апел до сите граѓани да бидат одговорни и совесни, да ги почитуваат мерките за заштита од ширење на ковид-19. Според министерството, ова се мерки со кои се заштитува сопственото здравје, но и здравјето на сите околу нас – најблиските, родителите, пријателите.

Носењето на заштитна маска, одржувањето на физичко растојание од два метри и честото миење на раце – одржување хигиена се клучни во борбата со коронавирусот. Ова се единствените мерки кои можат да го спречат ширењето на вирусот, соопштија од Министерството.

Од Министерството потсетија на изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче дека согласно епидемиолошката слика и анализите на Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести, донесена е одлука за препорака до Владата за нови мерки со цел спречување на понатамошно ширење на ковид вирусот.

Состојбата со вирусот е многу сериозна, токму онака како што со месеци најавувавме дека може да се случи. Европа и светот постепено се затвораат со силни рестриктивни мерки кои е очигледно дека не може да ги избегне ниту една земја. Како ќе се развива состојбата кај нас, во која насока ќе се движиме, колку брзо ќе го стабилизираме и овој удар зависи само од една работа, а тоа е однесувањето на граѓаните и почитувањето на сите мерки и препораки кои се на сила, потенцираше Филипче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.