Монтажната Ковид болница во Куманово ќе се наоѓа во непосредна близина на инфективното одделение, на местото каде што се наоѓа стариот објект на физикална терапија кој од поодамна не е во функција. Објектот ќе биде срушен и тука ќе биде поставена монтажната Ковид болница за Куманово, информираше директорката на општата болница Куманово, Снежана Захариева.

Поради близината на инфективното одделение каде што сега се сместени заболените од Ковид 19, предвидено е да има врска помеѓу двата објекти, со три излези и ќе бидат запазени здравствените протоколи. Проектот е испратен до Министерството за здравство и се очекува официјална потврда за почнување на активности на терен.

Минатиот месец, ние добивме насоки на кој начин ќе бидат изведени работите околу поставувањето на ковид болницата. Се работи за поставување на монтажни објекти во коишто ќе бидат сместени средно-тешки пациенти и полесни случаи во коишто би имало и тријажен центар и амбуланта и ние врз основа на тоа повикавме стручни лица од општината, архитекти коишто го видоа теренот, видоа каде би била најдобра местоположба и спрема тоа направивме скици, план коишто ги имаме пратено до проектната единица при Министерството за здравство, изјави Захариева.

Планот претрпел незначителни корекции заради соодветен пристап на возилата и на Итна медицинска помош и на возила со коишто би доаѓале пациентите и вработените и е испратен до Министерството од каде се чека официјална потврда за почнување со градежни активности, подготовка на теренот. Захариева, додава дека ќе се вклучи и општината преку јавните претпријатија.

Би била среќна ако до крајот на месецот имаме поставено и објект во којшто ќе се растерети постојниот капацитет на инфективното одделение, којшто е многу мал, таа е проектирана за сместување 18 инфективни пациенти и уште две соби каде се сместуваат пациенти кои немаат респираторна патологија, дали се работи за хепатит, за други потреби. Капацитетот е околу 20 пациенти, што е многу малку за една болница која е регионална и со оглед на тоа што ние како град цело време во пандемијата имаме најголема кумулативна инциденца на случаи на Ковид позитивни пациенти, изјави Захариева.

Здравствените власти најавија дека е планирана изградба на 16 монтажни ковид болници за проширување на капацитетите за лекување на пациентите заболени од Ковид 19 во пресрет на есента кога се очекува коронавирусот, но и другите респираторните вируси, дополнително да ја зголемат потребата од проширување на капацитети на болниците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.