Министерството за здравство во соработка со институциите проверува дали е точна информацијата дека има лица кои се вратени од Италија и наводно имале симптоми, но не седеле во изолација. Станува збор за лица од Сингелиќ, Долно Лисиче и неколку струшки села. Ова прашање му беше поставено синоќа на прес-конференцијата на министерот за здравство Венко Филипче.
Според прашањето оние кои живееле во Сингелиќ биле пријавени од соседите, но кога институциите пристигнале на терен за да ги прегледаат побегнале преку прозор.
Министерот Филипче на прес-конференцијата извести дека ќе постапуваат службите.
И до мене стигнуваат такви информации и секогаш ги известуваме службите, односно Институтот за јавно здравје, доколку има потреба и со асистенција на полицијата. Не би можел да коментирам вака конкретен случај бидејќи не знам што се случувало. Од она што го знаеме и од она на што посветивме внимание е акцијата на ОВР Струга за добра координација во тој регион. Тоа се места каде и претходно имало комуникација со регионот каде е прогласена вонредна состојба. Тука им е советувано да строго се придржуваат кон мерките и да нема собиранки”, изјави синоќа Филипче.
Од Министерството за здравство одговорија дека официјален одговор ќе биде обезбеден откако овие информации ќе бидат проверени во соработка со службите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.