Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информација за потребата за набавка на две термални камери, опрема за ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и лична заштитна опрема за Министерството за здравство и останатите институции вклучени во активностите во врска со коронавирусот Ковид-19 и го задолжи Министерството за здравство да ја спроведе набавката.

На предлог на министерот за здравство, Владата го задолжи Министерството за образование и наука да изготви план за дистрибуција на алкохолен дезинфициенс со широк спектар на микробиоцидно дејство до основните и средните училишта.

Како што соопшти владината прес-служба, Владата денеска ја разгледа и ја усвои Информацијата за здравствените проблеми кои можат да бидат предизвикани од комарците како пренесувачи на заразни болести и го прифати акцискиот план за нивно контролирање.

Владата им препорачува на единиците на локалната самоуправа континуирано и целосно да ги спроведуваат мерките од акцискиот план кои предвидуваат ларвицидна дезинсекција во шест наврати, терестичката дезинсекција (на возрасни комарци) која треба да се изврши во пет наврати, како и мерката за постојано информирање и едукација на населението во единиците на локалната самоуправа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.