Мерките за заштита од коронавирусот граѓаните мора да ги почитуваат иако бројките на новозаболени се помали од претходните недели. Според министерот за здравство Венко Филипче, по една недела ќе се види дали ваквиот тренд ќе продолжи, по што ќе се осигура дека нема скриен кластер кој ќе се појави.

Мерките опфаќаат задолжително да се носи заштитна маска за лицето, прекривка на устата и носот, така како што е пропишано во затворен простор или на отворено ако не може да се одржи препорачаната дистанца од два метра.

Само единствено ако лично секој граѓани се заложи за тоа и даде свој придонес со доследно почитување на мерките, ние ќе го задржиме овој тренд, ќе ја надминеме оваа состојба и постепено ќе го вратиме нашиот живот во нормала“, рече Филипче.

Новите податоци за коронавирусот во државава, покажуваат дека се регистрирани 1.442 заболени, 627 излекувани, 73 починати и 742 активни случаи.

Заболени од коронавирус се регистрирани во: Скопје – 493, Куманово – 384, Дебар – 51, Штип-34, Прилеп –147, Тетово – 76, Струга – 66, Велес – 69, Битола –19, Охрид –15, Кавадарци – 5, Гостивар –17, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка- 5, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 28, Пробиштип – 2, Кичево – 2, Неготино -7, Демир Хисар – 1, Македонски Брод – 2, Пехчево – 2, Делчево- 1, Валандово -1, Виница – 2.

Досега во земјата се направени вкупно 16.050 тестирања на ковид -19.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се 52 пациенти од кои 28 се на кислородна поддршка, а тројца се на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ хоспитализирани се 35 пациенти од кои со потешка клиничка слика се пет пациенти, а шест се на механичка вентилација.

Во Клиничката болница во Битола се лекуваат пет пациенти, а на домашно лекување се следат четворица пациенти. Во Клиничката болница во Штип се хоспитализирани тројца пациенти, а уште шест се следат на домашно лекување. На инфективните одделенија во Тетово, Гостивар, Куманово, Велес и Прилеп се лекуваат 42 позитивни и суспектни на ковид-19.

За точно и навремено информирање на граѓаните со официјални и проверени информации поврзани со справувањето со коронавирусот, Владата отвори нов информациски канал на популарната апликација за дигитални комуникации вибер.

Првиот владин комуникациски канал на вибер (Viber Community) може да се најде под името „Коронавирус МК Koronavirus“, исто како и останатите комуникациски алатки кои Владата интервентно ги отвори со цел интензивирање на комуникацијата со граѓаните за полесно справување со коронавирусот. Во тој пакет е и официјалната веб-страница, мобилната апликација за андроид и ИОС, како и наменските профили на социјалните медиуми Фејсбук, Инстаграм и Твитер.

Владата апелира до граѓаните да се приклучат на „Коронавирус МК Koronavirus“ на вибер заедницата за добивање точни, официјални и брзи информации поврзани со ковид-19 на својот мобилен телефон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.