Денеска се одбележува Светскиот ден на стари лица. Генерално во старосната структура, македонското население сè повеќе старее. Во Македонија од вкупното население, бројот на стари лица во 2015 година изнесувал 264.964, додека бројот на стари лица во 2017 година се зголемил на 272.234.

Во Македонија типичен е феноменот на регионално стареење на населението во руралните подрачја поради интензивна миграција на младото продуктивно население во насока село – град. Тоа води кон многу голема застапеност на старите лица во вкупната возрасна структура на населението во руралната средина наспроти населението во град.

Во Македонија товарот на хроничните заболувања опфаќа широк спектар на негативни здравствени последици. Луѓето кои живеат со една или повеќе хронични болести честопати го намалуваат квалитетот на живот, тоа генерално се рефлектира со долг период на опаѓање и попреченост поврзан со болеста, велат од Институтот за јавно здравје.

Помеѓу 2017 и 2030 година, се предвидува дека бројот на лица на возраст од 60 години или повеќе се очекува да порасне за 46% (од 962 милиони на 1,4 милијарди) на глобално ниво овој број е поголем од бројот на младите, како и на децата под 10-годишна возраст. Стареењето на населението се претпоставува дека ќе стане една од најзначајните социјални трансформации на 21 век.

Меѓународниот ден на старите лица е можност да се потенцираат важните придонеси што старите луѓе ги даваат во општеството и да ја подигнат свеста за можностите и предизвиците на стареењето во денешниот свет.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.