Четири земји од Западен Балкан бележат скок на бројот на новозаразени со коронавирус, по олеснувањето на рестриктивните мерки, пишува американската агенција „Асошиејтед Прес“ (АП).
Станува збор за Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија.
Агенцијата објаснува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ бил принуден да ги откаже предизборните митинзи на неговата Српска напредна партија, а официјалните лица во БиХ, Македонија и Албанија апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките против ширењето на инфекцијата.
За Македонија се нагласува дека завчера биле забележани седум смртни случаи како последица на коронавирусот, што е најголем број на смртни случаи за 24 часа во период подолг од еден месец. АП посочува дека новиот скок на бројот на заразени и смртни случаи е поврзан со масовните собири пред три недели, за време на верски празници.
Здравствените власти во БиХ инсистираат дека зголемувањето на новозаразени не е загрижувачко и дека епидемијата во таа земја сè уште е под контрола и покрај кластерите од заразени лица во одредени области. Речиси 60 нови случаи се пријавени за 24 часа во БиХ”, пишува АП.
Агенцијата додава дека породилното одделение во сараевската болница е привремено затворено затоа што инфекцијата е потврдена кај двајца вработени, додека на сите други од тоа одделение им било наредено да се изолираат додека ги чекаат резултатите од тестот за вирусот.
Во однос на Србија, АП посочува дека земјата постепено дозволува собири со поголем број луѓе кои не го задржуваат физичкото растојание и не носат маски, иако во препораките на властите се бара задолжителна употреба на заштита на јавни места.
Мерки за ублажување се спроведуваат и во Албанија, повеќе од две недели. Иако во Албанија сè уште се забранети поголеми собири, луѓето не обрнуваат внимание на тоа, наведува американската агенција, додавајќи дека многу малку луѓе носат маски и раквици и покрај апелите од властите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.