Два месеци пред почетокот на грејната сезона, а од владиниот План за чист воздух не е реализирано речиси ништо. Иако планот е прогласен за стратешки приоритет, здравјето на граѓаните по сѐ се чини и не толку приоритетно за власта. Од Владата порачуваат дека во овој момент – девет месеци по објавувањето на планот – се врши контрола на избраните објекти за кои допрва ќе се организира набавка на опрема за енергетска ефикасност, подигнување на зелени урбани површини и секоја друга од ветените, но неисполнети мерки, се вели во соопштението на Левица.
Во Македонија, велат од Левица, секоја година 3.000 луѓе го губат животот поради загадениот воздух – убиени за личните и бизнис интереси на великопоседниците во власта и профитерите кои се блиски до нив.
Додека СДСМ предизборно ветуваа кратење на аерозагадувањето во Скопје за 50% и другите градови од 30% до 50% до 2020, до сега нема ниту сериозни акции на оваа тема, а уште помалку резултати. Напротив, тоа што го видовме за време на овој мандат, од еколошка гледна точка е блатантна експлоатација на секој природен ресурс на Македонија, уништување на секоја зелена површина со дивоградба, губење на УНЕСКО статусот на Охридското Езеро, депонии кои постојано горат, реа и црни чадови низ општините – соопштуваат од Левица.
Како и претходната гарнитура, констатираат од Левица, така и оваа владина фела се докажува незаинтересирана за решавање на овој клучен проблем; таа останува фокусирана на интересите и профитот на капиталот, за кој плаќа обичниот граѓанин со неговите здравје и живот.
Како што гледаме, дури и она малку и недоволно кое е ветено, нема волја да се исполни кога наместо тоа може да се исполни џебот на приватниот капитал – потенцираат од Левица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.