Официјални претставници на „Астра Зенека“ рекоа дека лекот може да биде превентивен третман кај пациенти за кои вакцините можеби не се многу ефикасни
Студијата во доцна фаза на испитување покажа дека лекот со антитела на „Астра Зенека“ значително го намалува ризикот од развој на симптоми на ковид-19, објави компанијата денеска.

Клиничката студија од трета фаза покажа дека лекот, кој е комбинација од две антитела со долго дејство, може да го намали ризикот од развој на симптоми на ковид-19 за 77 проценти во споредба со пациентите што сѐ уште не биле изложени на коронавирусот. Ниту еден пациент што го примил лекот, наречен AZD7442, не развил тешка форма на болеста. Во исто време, во групата со плацебо-пациенти тројца развиле тешка симптоми на ковид-19, а двајца од нив починале, пренесе „Политико“.

Компанијата рече дека ќе ги достави резултатите до стручната јавност.

Официјални претставници на „Астра Зенека“ рекоа дека лекот може да биде превентивен третман кај пациенти за кои вакцините можеби не се многу ефикасни. Се покажа дека некои пациенти имаат компромитиран имунолошки систем бидејќи добиле трансплантација на орган и не реагираат толку ефикасно на вакцините против ковид-19.

Мене Пангалос, извршен потпретседател на „Астра Зенека“, ги пофали резултатите и рече дека се потребни повеќе алтернативи за да им се помогне на високоризичните пациенти кои не се соодветно заштитени со вакцини против ковид-19.

Резултатот од студијата се заснова на 25 случаи на симптоматски ковид-19, од вкупно 5 172 учесници кои не биле позитивни на коронавирусот кога започнала студијата. „Астра Зенека“ рече дека над 75 проценти од учесниците во испитувањето имале коморбидитети што ги прави поподложни на вирусот

AZD7442 користи моноклонални антитела, кои поттикнуваат природна одбрана на телотот. „Астра Зенека“ рече дека антителата се модификувани за да бидат подолготрајни и потенцијално можат да обезбедат до 12 месеци заштита од ковид-19 по едно примање на лекот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.