Марта Маркоска е авторка на 12 книги, на македонски и други јазици. Позната на јавноста и како мултимедијална артистка бидејќи нејзините поетски книги секогаш, без исклучок, на публиката и’ ги презентира сценски, со специфични визуелни перформанси. Заради музичкиот бекграунд што го поседува таа се појавува и како музички илустратор на неколку документарни филмови меѓу кои: “Верувам во Македонија”, посветен на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски, како и на краткиот документарен запис за неговите живот и дело: “Иднината е сега”. Нејзиното творештво е преведено на повеќе светски јазици и застапено во повеќе антологии на современата македонска и странска поезија и проза. Најновата поетска ХЕРОЈСКА / ЕРОТСКА КНИГА штотуку дочека објавување на англиски јазик и во Хонг Конг.

Таа за „Република“ напиша текст по повод кампањата „Larger than life“:

“Марта ма, тебе сè ти е прекрасно”. Велам: “Убавината е во очите на набљудувачот”.
(ова интервју го посветувам на Сузана Алексоска, поранешна колешка која нè напушти ненадејно, само два месеца по заедничкиот пречек на влезот во новава година, чии зборови “Марта ма, тебе сè ти е прекрасно” ме инспирираа да го почнам ова интервју).

Многу нешта ме научи животот, а една од најважните е дека: колку повеќе некому нешто објаснуваш, толку повеќе му раѓаш сомнеж и недоразбирање. Во едно од претходните интервјуа реков и пак да повторам, оној кој сака и умее да (те) разбере, премолчено ќе (те) разбере. Другите или не сакаат или немаат капацитет да (те) разберат.

Ќе ви кажам два експеримента. Кога луѓето се груби и крути со вас, обидете се да паднете најниско пред нив, најпонизно спуштете го гардот, извинете им се како да сте им згрешиле, замолете за прошка, тогаш ќе ја видите нивната вистинска природа. Доколку оној што е груб и агресивен со вас попушти пред вашата милозливост, кај него има човечност и добрина во душата, доколку истиот тој продолжи да се однесува грубо со вас, станувајќи дури уште погруб и поагресивен, сметајќи дека ве поразил, дека ви стапнал на вратот, ја искористил вашата “наивност” и дека може да се изживува со вас затоа што е во доминанта позиција, бегајте од него. Тој е ѕвер.

Другиот експеримент е: пофалете некого. Нескромно, најискрено, најсесрдно, уважете го, опсипете го со комплименти. Доколку се возгордее, се вообрази – има преголемо его и преголема суета на кои треба многу да работи. Доколку искрено се засрами, се вовлече, се снижи пред вас и скромно заблагодари, тој го има надраснато сопственото его. А човек што успева да се насмее на сопствена сметка и кога му е најтешко, па и уште да ги насмее и другите околу него, тој човек секогаш ќе сака да ги заштити сите и никого да не стави во непријатна ситуација заради неговата положба.

 

Животна лекција за довербата

Ако сакате да се здобиете со вистинска благодарност, лојалност И ДОВЕРБА, обидете се да примитомите птица, или не мора да ја припитомувате, само да ја нахраните, а и за тоа треба да ја придобиете нејзината доверба. Таа не се врти против вас, не ве колне, не ве навредува и не ве уценува ако и следниот ден не ѝ дадете храна. Таа секогаш ќе се сеќава дека еднаш сте ја нахраниле и ќе доаѓа пак да ве посети, не да си го бара своето. Ако ѝ дадете храна пак, во ред, ако не, повторно во ред, таа ќе доаѓа да изрази благодарност, да ве поздрави, без очекувања дека и пак и пак и пак да ја храните, па ако случајно не ја нахраните, ќе ви ги исколва очите. Не! Благодарноста на птицата е поголема од благодарноста на повеќето луѓе кои од вас очекуваат постојано нешто за возврат. И сто пати ќе им правите добрини, еднаш нема да им направите, тие ќе фрлаат камења по вас. Зошто добога? Само вистинската благодарност може да ви го смени животот. Запаметете –  Бог е во срцето. Таму барајте го. Внатре во вас. Љубовта и добрината се единствените религии и ритуали на кои, ако веќе баш инсистирате да робувате, нема да погрешите. Учете од птиците, за почеток.

Кога нештата ќе тргнат наопаку во животот, тогаш покажуваш кој си навистина, бидејќи кога нештата се добри, секој може да се преправа дека е фантастичен. Или, пред и после битката – сите се генерали. 

Средина на август, 2014 година доктор Маја Чапова поставува дијагноза, јас со кикотење (а тоа е затоа што некои други грижи биле поголеми од самиот факт дека си соочен со смртта, па ти делувало како олеснителна околност) ѝ велам: “уште колку време имам за да знам да се организирам да ги завршам сите мои приоритетни обврски”. Таа вели: “полека, оди закажи операција и потоа чекор  по чекор”.  “Не, Jас треба да ги отворам Струшките вечери на поезијата со музика и можам да дојдам на операција дури откако ќе завршат, зашто сум страшен професионалец и не ги откажувам моите ангажмани”, велам. На 28 август 2014 година се будам постоперативно и првото отворање очи правам селфи, велејќи си самата на себе дека ако преживеам ќе направам голема кампања, што ќе се памети и прераскажува, ќе биде пресвртница во целиот концепт на лекувањето и целиот пристап кон болеста, телото, телесноста, женскоста и женственоста, дека ќе ги преформулирам методите во себетретирањето и, можеби, ќе им помогнам на другите во нивното соочување со сличните проблеми. Ги одбив хемотерапиите. Одлучив да се коцкам со животот. Се договоривме Апсолутот – реков – ако преживеам, заедно ќе направиме големи дела, а ако не, си има тој уште 7.8 милијарди луѓе на планетава Земја и нема да се почувствува разлика ако ме нема. Така настана идејата за кампањата LARGER THAN LIFE, на која цели пет години работам посветено и педантно, особено затоа што ова е кампања во која е изложено моето тело. Тело кое го вајав на -20 и на + 40 C степени сосема сама. Овде го преформулирувам и слоганот: не “во здраво тело – здрав дух”, туку, “во здрав дух (и ум), здраво тело”.

Низ целиот процес ме водеше една будистичка мудрост: “никогаш не одговарај кога си премногу бесен и гневен, не давај ветувања кога си премногу среќен и не донесувај одлуки кога си премногу тажен”, трпеливо одмолчев, за да соопштам кога ќе дојде време. Еве, поминаа 5 години, но јас имам сè помалку зборови за да го опишам преживеаното. Од друга страна гледано, ако ги избришеш грешките и страдањата од минатото, си ја избришал и мудроста од сегашноста, затоа треба да се запамети лекцијата, а не и разочарувањето.

фото: Игор Тодоровски

Овде само нафрлам трошки од искуствата, но најважното штo треба да го знаат луѓето е дека најголем број од болестите на телото се, пред сè, болести на душата. Телото се разболувa кога душата е болна. Ако ја залечите душата, со сигурност сте залекувале најмалку 50% од болестите на телото.

Совет за преживување на канцер во канцерозно општество: Тргнете се од чопорот. Бегајте од толпите. Бегајте од мислењето на мнозинството. Никој не го живее вашиот живот и никој не живее во вашето тело. Честопати заборавате дека губите скапоцено време и животна енергија наместо посветувајќи се на сопствените приоритети, вие работите против приоритетите на другите до вас и при тоа се оддалечувате од вашата најдлабока суштина, да ја извајате најдобрата верзија од себеси. Не постојат две исти индивидуи, две исти ДНК структури, две исти љубови, два исти живота, не постојат две исти врски, два исти брака, два исти развода, ни два исти мига, па залудно е секое компарирање што на многу луѓе им одзема голем дел од животната енергија.

За крај, како и за почеток, секое интервју (експозе) може да биде кажано на многу начини, раскажано од поинакви ракурси и иако на иста тема, да добие друга димензија. Но, и онака секој го гледа/чита/толкува од различна перспектива, па како и да ја презапишеш приказната, таа ќе биде различно прочитана/толкувана/разбрана од секој еден поединечен читател. Имам многу што да кажувам, но, тишината е бесценета (особено кога сите сеат паника, страв и омраза), бидејќи секој еден збор се рефлектира во туѓиот мозок на сосема различен начин од она што вие сте сакале да соопштите, па не знаете дали тоа некого ќе усреќи или ќе растажи, дали ќе го насмее или расплаче, затоа што најважно е не само она што се кажува туку и КАКО се кажува, а најважно од сѐ е КОГА се кажува. Осцилациите на кажаниот збор во време и место произведуваат различен ефект во мозокот на оној кој ја прима таа информација и ја менуваат целата хемиско-молекуларна структура дури и кај еден ист слушател, така што, исто кажана работа, во различно време, на различно место, во различни околности, кај една иста личност произведува различни осцилации, расположенија, умствени и душевни состојби. Е сега, за постојано да се биде свесен за ова, треба да се има многу емпатија кон другата страна што ја прима информацијата, а тоа е исклучително тешко. Тоа е дисциплинирање на нашата свесност. Тоа е нашето приближување кон Апсолутот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.