Лаборантскиот техничар Ферди Шакири е една од 14-те жртви во пожарот во тетовската модуларна болница. Веста за неговата смрт вчера ја објавија од поликлиниката Бамикор Медика од Тетово, простувајќи се со својот колега и изразувајќи сочувство до неговата сопруга, деца, роднини и пријатели, објави „Фокус“.

Информацијата дека здравствен работник загинал во страотниот пожар, го отвори прашањето во јавноста дали тој бил дел од персоналот во ковид центарот.

Од Бамикор Медика за ,,Фокус” појаснуваат дека Шакири (37) работел во нивната клиника како лаборантски техничар. Додаваат дека бил пациент во модуларната болница и цели 26 дена бил хоспитализиран.

Тој е еден од 12-те починати пациенти во пожарот. Останатите две жртви, како што вчера за ,,Фокус” изјави д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид-центарот во Клиничката болница Тетово, биле две жени, цивили, односно блиски на пациентите кои им дошле во посета. Една од нив била на возраст од 29 години, додека за другата немал информации.

Тој тогаш откри дека роднини на пациентите доаѓале во кратки посети и пред да влезат во модуларната болница требало да прикажат потврда дека се вакцинирани, како и дека им се давал скафандер при влезот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.