Крводарувањето е континуирано и безбедно, но мора да се земе предвид дека се очекува намален број на крводарители, поради влијанието на јавно здравствените мерки кои се преземаат во врска со пандемијата. Сите кои се здрави, можат и сакаат да даруваат крв не треба на кој било начин да го одложат крводарувањето бидејќи се воведени дополнителни мерки за безбедност на дарителите и безбедна крв за пациентите.

Немојте да дарувате крв ако:

– во последните 28 дена сте патувале надвор од Македонија,

– имате симптоми на настинка, кашлате и кивате,

– имате покачена телесна температура,

– сте биле во контакт со болен чии симптоми личат на инфекција со корона вирус.

Според Европскиот центар за контрола на болести (ECDC) се воведуваат следниве мерки за дарување крв:

– 28 дена после враќањето од подрачја со инфекција со COVID-19 или контакт со потврден случај се одложува дарување на крв, клетки и ткива,

– мерење на телесна температура на сите доброволни дарители на крв,

– обезбедување на точки за дезинфекција на рацете на вработените и дарителите,

– ограничување на бројот на дарители истовремено присутни во просториите и обезбедување на контролирано движење во целиот процес на крводарување.

Во случај на појава на симптоми на респираторна болест до 14 дена после дарувањето на крв, ЗАДОЛЖИТЕЛНО јавете се на телефонскиот број 078-488-078!

ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина во насока на надминување на оваа состојба поврзана со коронавирусот, одлучи секојдневно да ги известува електронските медиуми за состојбата со крвни продукти. Денес состојбата со крвни продукти е на задоволително ниво и се следи секојдневно.

ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина заедно со Црвен Крст на РСМ се реорганизираа во однос на крводарувањето во земјата, со цел да се запазат највисоките мерки за заштита на карводарителите и здравствениот персонал, а притоа да се обезбеди континуиран прилив на крвни единици за одржување стабилни количини на крв.

ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина е во постојана комуникација со Министерството за здравство за состојбата со крвни продукти, а исто така и е во секојдневна комуникација со Институтот за јавно здравје за спроведување на крводарителските акции.

Доброволното дарување на крв продолжува да се спроведува, бидејќи крвта и крвните продукти се постојана потреба за пациентите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.