Гостивар е третиот град, по Скопје и Тетово, каде ширењето на коронавирусот почнува да зема голем замав. За едно деноноќие регистрирани се 99 новозаразени. Ако бројот на активни случаи на 7 август во овој град бил 176, според последните податоци, сега е 467.

Според статистиката на Министерството за здравство за број на вакцинирани по градови објавена деновиве, Гостивар е градот со најмалку вакцинирани полнолетни граѓани, односно само 19 проценти. Но, со зголемувањето на новозаразени се зголеми и интересот за заштита со вакцинирање во гостиварско, јави дописникот на МИА од Гостивар. Дневно се аплицираат од 300 до 500 вакцини.

Она што ги загрижува здравствените работници од гостиварско е што на голем број пациенти им е потребна хоспитализација. Според клиничката слика, дел од нив добиваат кислородна поддршка, а има и случаи во потешка состојба и тоа се пациенти со други коморбидитети.

Карактеристично е што станува збор за помлади пациенти, главно под 35 години. Порастот на новозаболени според него е непочитување на мерките за заштита, изјави вчера за МИА раководителот на инфективното одделението д-р Ратко Наумоски.

Покрај Гостивар и натаму продожува да расте бројот на новозаразени во Скопје и Тетово. А Неготино вчера го забележа првиот случај на Ковид-19, по повеќе месеци. Вчера беа регистрирани 639 нови случаи од направени 5.390 тестирања, починати шест лица и 22 оздравени.

Најголем број од активните случаи има во Скопје и Тетово. Во Скопје има 1257, а во Тетово 864. Следи Гостивар со 467, Куманово – 222, Кичево – 193, Струмица – 124, Битола – 90, Струга – 83, Охрид – 75, Дебар – 81. По подолг период во Неготино регистриран првиот случај на заразен со коронавирусот. Уште пет градови се без ковид и тоа: Богданци, Крушево, Демир Хисар, Кратово и туристичкиот Дојран.

Министерството за здравство вчера информира дека бројот на аплицирани дози вакцини во земјава надмина милион. Со засилување на четвртиот бран и најавените рестриктивни мерки, интересот за вакцинација од пред два дена е значително зголемен. На вакциналните пунктови и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 561 912 граѓани. Вчера вкупно се вакцинирале 16 020 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.016.700 дози вакцини, а ревакцинирани се 454 788 граѓани, соопшти Министерството за здравство.Со последните бројки барем една доза вакцина примиле: 66 проценти од населението над 70 години, 64 отсто над 65 години, 60 отсто над 60 години и 50 отсто над 50 години.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.

Центарот за јавно здравство (ЦЈЗ) ќе ги спроведува здравствените протоколи за денешното одбележување на 20-годишнинаната од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, соопшти вчера првиот вицепремиер и министер за полтички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, додавајќи дека за ова прашање го контрактирал и министерот за здравство Венко Филипче.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.