Откако Французите неделава потврдија дека првиот случај на заразен со коронавирус во нивната земја се појавил на 27 декември, а не на крајот од јануари, како што се сметаше порано, многу европски земји повторно ги тестираат примероците од ноември и декември за да проверат дали некои тогашни вирози и чудни пневмонии всушност биле Ковид-19.
Во таа приказна се вклопува и сведоштвото на учесниците на Светските воени игри во Вухан, кои се одржувале кон крајот на октомври 2019 година. Овие игри и претходно беа споменати како место за ширење на вирусот, но немало материјални докази за тоа, па таквите шпекулации беа отфрлени како неосновани. На игрите учествувале околу 10.000 спортисти од 109 земји. Имало и тим од Македонија. Нашата земја ја претставуваа четворица припадници на Армијата.
Сепак, Шведска потврди дека имала заразени учесници во игрите. Другите земји и понатаму не тврдат ништо со сигурност бидејќи немале направено тестови за Ковид-19, а и војската што учествувала во игрите не е најтранспарентна во тој поглед. Но, светските медиуми последните неколку дена пренесуваат сведоштва на неколку спортисти што се сомневаат дека биле заболени од Ковид-19.
Во периодот на игрите во Вухан имало многу учесници и друг персонал за помош кој подоцна отпатувал во сите делови во светот. Бидејќи во тоа време не се знаело за заразата, немало мерки за заштита, а учесниците не отишле во изолација откако се вратиле во своите земји.
Италијанскиот „Кориере дела Сера“ пишува дека дел од учесниците во игрите потврдиле дека уште во авионот, на крајот од октомври кога се враќале од Кина, имале висока температура и респираторни проблеми. Сепак, тие не биле тестирани за Ковид-19 затоа што за вирусот не се знаело ништо во Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.