Под слоганот „Да ги поддржиме родителите за да го овозможиме доењето“ и годинава традиционално во август се одбележува Светската недела на доењето, која во земјава се спроведува од 1 до 7 август во организација на Здружението за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца „Лулка“ од Скопје.
Целта на нашите активности во текот на неделата на доењето и во август е да се обединат сите фактори во општеството, за обезбедување на услови за навремено започнување на доењето и за негово одржување во првите две години од животот, велат од „Лулка“.
Доењето, додаваат, е процес кој во рамки на семејството овозможува навремено и квалитетно поврзување на родителите со бебето и задоволување на неговите потреби за правилен раст и развој, во моментите кога тоа е особено важно. Има докажан бенефит и за бебето и за мајката, кој вклучува намален број на инфекции кај бебето во првата година, помала веројатност за појавување на дебелина и кардио-васкуларни болести во понатамошниот живот, подобра поврзаност со мајката и прифаќање. Кај мајката, пак, ја намалува веројатноста за појава на карцином на дојка и карцином на јајници, како и за појава на дијабет тип 2, хипертензија и сл.
Во текот на кампањата ќе бидат објавени голем број материјали и ресурси за поддршка на доењето, студии, резултатите од анализата на ставовите на мајките и на експертите која ја изработи меѓународната организација EFCNI. Како дел од активностите за Светската недела на доењето, на 21 август ќе биде одржана и работилницата Научете како да го доите Вашето бебе, за трудници во третото тримесечие од бременоста, за мајките кои се породени, како и за родителите на предвреме родено бебе кои сакаат да ја одржат лактацијата и да го дојат своето новородено по испис од болница, информираат од „Лулка“.
Оттаму порачуваат дека во следниот период е планирано и одржување на обуки за доење за здравствените работници кои работат со трудници, новородени и доенчиња, со цел пренесување на важни информации за современата поддршка на доењето, што претставува важен предуслов за зголемување на доењето во државата и здрав почеток во животот на секое бебе.
Во активностите за промоцијата и поддршка на доењето ќе биде вклучено и Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, пред се преку информирање на здравствените професионалци за значењето и бенефитите од доењето и за современите начини на поддршка на доењето.
Поддршката на родителите во процесот на доење е особено важна за совладување на техниката на доење од страна на мајката. Со стекнување на неопходните вештини за современа поддршка на доењето, здравствените работници ќе можат да и помогнат на мајката, да ја охрабрат и да и го олеснат процесот на доење. Оваа поддршка на мајката и бебето треба да започне веднаш по породувањето, во неонатолошките одделенија, а да продолжи во домашни услови, преку делувањето на патронажните сестри, посочуваат од здружението „За нас“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.