Додека фармацевтските компании ја забрзуваат работата за пронаоѓање на вакцина за Ковид-19, се зголемува загриженост дека откако ќе се направат, тие нема да бидат доволни за глобални потреби, поради што се поставува прашањето за правична дистрибуција која е потребна не само поради етички размислувања, туку и за да се избегнат идните жаришта, објавија светските медиуми.
Нова пандемиска парадигма
Во трката за развој на вакцина која ќе и стави крај на пандемијата на ковид -19, владите, добротворните организации и големите фармацевтски компании инвестираат милијарди долари со екстремно мали шанси за успех. Тестирањата се забрзуваат без гаранции за успех, се прават капацитети за производство на вакцини со мали шанси да бидат одобрени, додека веќе се добиваат нарачки за вакцини кои имаат мали шанси воопшто да се произведат.
Тоа е нова пандемиска парадигма, фокусирана на брзината и оптеретена со ризици, посочува „Ројтерс“ и истакнува дека во просек само шест проценти од кандидатите за вакцини завршуваат на пазарот.
Целта е да се пронајде, тестира и произведе вакцината во стотици милиони дози за 12 до 18 месеци. Како резултат на тоа, фармацевтските компании, владите и инвеститорите ги зголемија своите ризични инвестиции на невидени нивоа.
Експертите со коишто разговараше „Ројтерс“ велат дека откако ќе се покаже ефикасноста на вакцината, постои можност дека нема да ги има доволно. Тие наведуваат дека вакцинацијата на клучните делови од населението – здравствени работници, стари лица и лица со други медицински проблеми – ќе ја запре пандемијата побрзо и ќе ја заживее економијата, но дека постои можност да се случи реприза од претходната пандемија, H1N1 од 2009 година, кога богатите земји правеа залихи монополизирајќи го глобалното снабдување со вакцини.
Ако ова се случи повторно, предупредуваат експертите, ќе продолжат да се појавуваат жаришта на инфекции, со потенцијал да избијат нови бранови на болеста.
„Никој нема да биде безбеден сè додека сите не се безбедни“
Обединетите нации (ООН) во петокот ги здружија силите со светските лидери и приватниот сектор за забрзан развој на вакцината и третманот за Ковид 19, но исто така и на сите да им бидае овозможен пристап кога ќе бидат достапни.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејес, на виртуелниот состанок рече дека станува збор за клучна соработка за забрзување на развојот, производството и правичната дистрибуција на вакцините, дијагностицирањето и третманот.
Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш рече дека „никој нема да биде безбеден сè додека сите не се безбедни“.
Не вакцини или третмани за една земја или за еден регион или една половина од светот, туку вакцини и третмани кои се прифатливи, безбедни, ефикасни, лесни за давање и универзално достапни за секого, насекаде, рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.