Пациентите кои се излекувале од ковид-19 продолжуваат, со недели, а некои и со месеци, да имаат последици во форма на хроничен замор, отежнато дишење, болки во мускулите, некои сакаат да спијат по цел ден, а за некои е голем напор да се качат по скали само еден кат, пишува онлајн магазинот „Јуроп тудеј“.

Истражувањето го спровеле лекарите од клиниката „Џемели“ во Рим, Анџело Карфи и Роберто Бернабеи, испитувајќи 150 пациенти што ја прележале заразата со коронавирусот.

Од испитаните, 87 отсто потврдиле дека имаат најмалку еден од постковид симптомите, најмногу преголем замор, пречки во дишењето, некои имале и психолошки проблеми, а одреден број пациенти по закрепнувањето покажале знаци на посттрауматски стрес.

Речиси сите испитаници имале проблеми со апетитот и намалување на мускулната маса.

Кoвид-19 е нова болест и ние засега ги знаеме симптомите, но малку се знае за последиците. И затоа ова истражување, прво од ваков вид, е многу важно – рекол Анџело Карфи.

Авторите на истражувањето посочуваат дека е позитивно што не се потврдија стравувањата на лекарите дека болеста ќе остави трајни последици врз белите дробови, црниот дроб, очите и срцето.

Лекарите препорачуваат пациентите што биле лекувани на одделенијата за интензивна нега и биле подложени на оксигенација, редовно да одат на контроли на повеќето внатрешни органи, а мора да поминат и низ долг период на физичко и психичко закрепнување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.