Пациентите не се оставени без инсулин. Во сите инсулински аптеки во државата има инсулин и истиот им е достапен на пациентите, велат од Министерството за здравство.

Сепак, изминатиов период поради промена во софтверот за нов вид на инсулински продукти – игли Тип1 и Тип2, како и апаратчињата за мерење гликемија кои не ги препишува лекар, туку системот сам ги генерира, тие не се издаваа, соопшти Министерството за здравство.

Напоменуваат дека нема никаков проблем во количините на иглите, лентите и апаратите за мерење инсулин, туку во делот на евидентирањето, проблем што веќе се надминува и од вторник, кога ќе бидат отворени инсулинските аптеки, истите инсулински продукти ќе им бидат достапни на пациентите.

Од почетокот на пандемијата до денес Министерството за здравство се погрижи во секое време терапијата за пациентите со дијабетес да биде навремено доставена до сите инсулински аптеки низ државата иако имаше недостаток низ цела Европа поради енормната потрошувачка. Влијанието на пандемијата во однос на тековните набавки е одамна надминато, а потребните количини се доставуваат во континуитет, редовно и регуларно на територија на цела држава, стои во соопштението.

Одговорот на МЗ доаѓа по обвинувањето на Сојузот на здруженија дијабетичари на Македонија, кои велат дека иако инсулин, ленти и игли има во сите инсулински депоа и аптеки во земјава, оваа терапија за над 40.000 дијабетичари е недостапна.

Проблемов е стар веќе трети месец, аламираше денеска од Штип, сојузот на здруженија дијабетичари на Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.