Додека јавноста ги очекуваше новите бројки на заразни од Ковид-19, а новотестираните стоеа пред зградата на Институтот за јавно здравје, во самата зграда се одвивала забава. Оние кои ги чекале резултатите од тестирањето велат дека ечела гласна музика, се слушале ракоплескања.

-Вчера направив тест за корона, ми рекоа резлтати после 18 часот. Кога отидов по резултати имаше две купчиња, но мојот резултат го немаше. Останав да чекам, а додека чекавме почна гласна музика од просториите на ИЈЗ. Буквално ечеше. Не ни беше јасно што се случува. Имаше телевизиска камера и новинар. После некое време, додека се уште траеше забавата пристигна министерот за здравство Венко Филипче. Збунет се приближи кон новинарската екипа коментирајќи што се случува. Камерманот на шега му рече `Ви приредуваат пречек`, на што министрот се насмевна. Чуварот се качи да ги предупреди, по што стивна музиката – вели нашата соговорничка која вчера била меѓу тие дваесетина граѓани кои два часа чекале резултати.

Министерот Филипче пристигнал за изјава за медиумите во моментот додека траела забавата во ИЈЗ

Вчера Македонија го достигна рекордот – 535 новозаболени. До вчера се регистрирани 4597 активни случаи. Вината се префрла на граѓаните кои не внимаваат и не ги почитуваат мерките. Факт е дека летните забави, гужвите на плажите во туристичките места се причина за ваквата бројка. Но граѓаните гледаат и низа пропусти кај надлжните институции.

-Бев на тестирање, чекав ред за плаќање заедно со уште десетици други дојдени на тест. Чекав резултати со група луѓе. Во 21 век чекам резултати под сомнение дека имам вирус кој може да го пренесам. Имав контакт со потврдено лице во саботата. Се уште никој не не контактирал дека треба да се изолираме, ниту имам решение. Откако дознав дека сум била во контакт со заболено лице сама решив да се ставам во изолација, по што и добив првични симптоми. Да го чекав решението за изолација којзнае колку луѓе можев да заразам. Се уште никој не ја контактирал личноста со која бев во контакт за да каже со кого се имала контакт изминатиот период за да се изготват решенија за самоизолација – додава нашата соговорничка.

Откако два часа чекале за резултати, истите им биле соопштени јавно, читајќи ги по име и презиме бидејќи немало кој да им го изготви решението на оние кои се позитивни.

-Не читаа по име и презиме. И кога некој е позитивен коментарот на вработената што читаше беше `позитивен си што бараш тука`. И јас се чудев што бараат сите оние луѓе таму во време кога технологијата прави чуда, постои меил, постои мобилен телефон – коментира соговорникот на Република, додавајќи дека предоцна се сетил да ја сними забавата во ИЈЗ, фаќајќи го само крајот од журката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.