Вакцината против коронавирус на кинеската компанија Синофарм за 93 проценти ја намалува можноста лице позитивно на ковид да заврши во болница, а за 95 проценти го намалува ризикот од хоспитализирање на интензивна нега, покажуваат резултатите од студиите спроведени во Абу Даби.

Истражувањето покажало значајно намалување на стапката на нови случаи на коронавирус меѓу луѓето кои ја примиле втората доза од вакцината.

Според анализите на Центарот на јавно здравје на Абу Даби најголем дел од оние кои заболеле по првата доза, имале благи симптоми и немале потреба од хоспитализација, пренесува порталот National News од ОАЕ.

Како што се истакнува, меѓу оние кои ги примиле двете дози на Синофарм вакцината не е забележан ниту еден смртен случај.

Утврдено е дека имунитетот не е загарантиран по прележана болест, дека ризикот од заразување расте со појавата на нови мутации. Во студијата се наведува дека Синофарм дава имунитет најмалку 6 месеци, но неопходни се нови истражувања на оваа тема.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.